Матичната компанија на Гугл – Алфабет објави значително послаб раст на приходите во третиот квартал, наведувајќи го падот на приходите од рекламите на Јутјуб поради намалената потрошувачка на компаниите во услови на забавена економија.

Приходите на Алфабет се зголемија за шест отсто во третиот квартал, на 69,1 милијарди долари. Во претходниот квартал се зголемија за 13 отсто.

Нето добивката падна во периодот до септември за 26,5 отсто, на 13,9 милијарди долари. Приходите од рекламите на Јутјуб паднаа за 1,4 отсто на 7,1 милијарди долари.

Рекламите на Гугл донесоа приход на Алфабет од 54,5 милијарди долари, што е за 2,4 отсто повеќе од истиот период минатата година. Во вториот квартал скокна за 11,6 отсто.

Алфабет предупреди дека огласувачите ги намалуваат трошоците на Јутјуб, додавајќи дека ќе вработи половина од работниците од планираното поради намалувањето на трошоците за финансиските услуги на Гугл.

Финансиската директорка на Алфабет, Рут Порат, рече дека поскромниот раст на вкупните приходи од рекламирање е одраз на „многу добар“ резултат во периодот април-јуни.

Порат го припиша падот на приходите од рекламирањето на Јутјуб на послабата потрошувачка на некои компании.

Меѓу групата која ги намали трошоците за рекламирање, Алфабет ги издвојува компаниите во секторот за финансиски услуги, како што се осигурување, хипотекарни кредити и криптовалути.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2022 13:05