Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево ги додели наградите од литературниот и ликовниот конкурс на тема „Книга-сон кој го држиме в раце“. Директорката на библиотеката Биљана Петровска изрази задоволство што годинава на конкурсот покрај автори од Делчево, со свои творби на темата се пријавиле и учесници од други градови.
-Она што посебно не радува е тоа што за првпат на ликовен и литературен конкурс што го распишува ЈЛБ „Илинден“ – Делчево учествуваа љубители на пишаниот збор и од Крива Паланка и Кисела Вода, Скопје. Сите тие добија подарок книга и благодарница, а секако наградени беа и учесниците од нашиот град. На литературниот конкурс првонаградени се Ангела Џаџовска и Теодора Димитровска, додека на ликовниот конкурс кој се реализираше во соработка со професор Антонела Манева Спасевска, првата награда ја освои Викторија Мирчевска, рече Петровска.
Првонаградената на литературниот конкурс Ангела Џаџовска заблагодарувајки се за наградата, упати апел младите што почесто да се дружат со книгата и да учествуваат на ваквите конкурси.
-Прв пат учествувам пишувајќи поезија и освоив прва награда, претходно сум учествувала во проза. Неколку години пишувам и ќе продолжам да пишувам. Посочувам на сите ученици и тие да пишуваат бидејки можеби ќе го откријат својот талент, истакна Џаџовска. Литературниот и ликовниот конкурс се одржаа во рамки на одбележувањето на Месецот на книгата.