Во рамки на Европската недела за безбедност и здравје при работа, денеска беше промовирана четвртата збирка песни и раскази „БЗР од мали нозе 2022“ и беа доделени награди на децата – автори на најдобрите творби и на нивните ментори.
Наградите им ги врачи министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која на децата им порача да бидат гласни и да продолжат да творат и на креативен начин да ги пренесуваат пораките за важноста на создавањето безбедни места за работа.
– Свесноста за значењето на здравјето и безбедноста при работа се гради од најмала возраст, затоа што денешните деца утре ќе бидат активни учесници на пазарот на трудот, дали како вработени, како работодавачи или креатори на политики, рече Тренчевска.
Таа истакна дека во законот за безбедност и здравје при работа, кој е во подготовка, се воведува обврска за едукација на младите преку наставни содржини за безбедност и здравје при работа во постојните предмети на соодветната возраст.
Промоцијата на четвртата збирка песни и раскази „БЗР од мали нозе 2022“ ја организираа Здружението за заштита при работа на Општина Битола, Здружението за безбедност при работа „28 април“ – Скопје и Здружението на инженери за заштита „Тутела“ – Скопје.