Изложбата на фотографии, насловена „И јас сум тука“, синоќа беше отворена во „Галерија 22“ при Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Aвторите Сребра Ѓорѓијевска и Тоше Огњанов велат дека изложбата е кохезија на приказни на лицата со посебни потреби и вклучува дваесет лица од повеќе градови од државата со чија активност е креиран резултатот кој низ фотографии и новинарски приказни беше презентиран пред публиката во Штип.
Освен изложбата, промовирана ќе биде и книгата која го носи истиот наслов, а која, всушност, ги содржи приказните на учесниците.
Ѓорѓијевска вели дека оваа изложба е создадена за кратко време.
– „И јас сум тука“ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото. „И јас сум тука“ е можеби многу поважно патување за сите нас да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана, вели Ѓорѓијевска.
Огњанов вели дека преку фотографиите сакале да покажат дека и лицата со посебни потреби се дел од општеството, но и дека имаат што да покажот и да му помогнат на општеството.
-Она што го видовме кај сите нив е дека тие на општеството се обраќаат преку нивната насмевка. Верувам дека тоа е универзално кај секого и тоа ни беше фокусот да успееме да им помогнеме да се опуштат, да стекнат доверба и во нас, а на некој начин да стекнат доверба и во општеството, вели Огњанов.
Изложбата „И јас сум тука“ беше прв пат претставена пред јавноста во ноември, во Кинотеката на Македонија, а оттогаш ги посетила: Струга, Гевгелија, Богданци,Неготино, Кавадарци, Прилеп, Битола. „И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт.
Ова е проект кој во Шведска од 2014 година дал одлични резултати во борбата против предрасудите, а во земјава се спроведува од 2020 година. Здружението на граѓани за поддршка на лицата со посебни потреби „Солем“ преку разни активности две години се вклучи во проектот за што повеќе деца во земјава да бидат опфатени преку активности реализирани во училиштата. Годинава партнер во реализацијата на овие работилници е здружението „Дајте ни крилја“ и Ребека Јанковски-Ристески.
Веднаш по отворањето на изложбата беше прикажан и документарниот филм „Модна ревија: Од Глада Худик до Њујорк“ во режија на Јохан Ског, популарен филм во Шведска во кој учествуваат актерите од театарот „Глада Худик“, на кои им се остварува животниот сон да учествуваат на модна ревија во Њујорк.