Тетовските полицајци на денешниот пазарен ден-четврток во градот на двата градски пазари ги советуваа граѓаните и продавачите како да се заштитат од џебни кражби.

Во рамки на планираните превентивни активности на СВР Тетово за овој период од годината, полициски службеници од Отсекот за превенција денеска ги посетија тетовските пазари и остварија средби со продавачите и граѓаните.

– На средбите посебно им беше советувано да внимаваат на нивните паричници и други вредни предмети кои ги носат со себе, за ефикасно да се заштитат од џепни кражби. Исто така, им беше укажано и да бидат претпазливи во контакти со непознати лица кои им нудат производи со сомнително потекло и квалитет, но и разни други услуги, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Вакви средби ќе бидат реализирани и на другите пазари на поширокото полошко подрачје, во функција на подобрување на вкупната безбедност и намалување на имотните деликти и измамите.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/10/2022 14:08