Шест до 12 месеци откако бил заразен со коронавирусот, еден од четворица поранешни пациенти страда од долгорочни последици, објавија германските научници, а посебна студија на шкотските научници покажа дека дел од пациентите кои прележале ковид и имаат долготрајни симптоми по 12 месеци, најверојатно истите симптоми ќе ги чувствуваат и по 18 месеци.
Најчесто се работи за хроничен замор и исцрпеност, тешкотии во концентрацијата и проблеми со помнењето, што влијае на нивното здравје и на работните способности. Германското истражување беше спроведено меѓу 12.000 лица на возраст од 18 до 65 години кои биле заразени со коронавирус во сојузната покраина Баден-Виртемберг.
Следните работи на кои се жалеа поранешните пациенти беа тешкотии со дишењето, односно отежнато дишење и нарушено чувство за мирис, како и анксиозност и депресија. Повеќе од 20 отсто од учесниците во студијата објавена во The British Medical Journal се пожалиле на некое од споменатите тешкотии.
Болеста остави голем товар на општеството
„Иако знаевме дека постои таква тенденција, сепак бевме изненадени кога сфативме колку многу млади луѓе кои првично го прележале ковид без поголеми компликации се изложени на ризик од долгорочен ковид“, изјави шефот на истражувањето Винфрид Керн од Универзитетскиот медицински центар во Фрајбург.
Тоа јасно ни кажува, додаде неговиот колега Рафаел Петер од Универзитетот во Улм, колку товар остави оваа болест врз општеството. Шкотските научници дојдоа до сличен заклучок. Според податоците на едно големо истражување, чии резултати се објавени во списанието Nature Communications, а во него биле опфатени 33.281 лице од Шкотска со позитивни резултати за ковид, некои од нив пријавиле симптоми по 12, па дури и по 18 месеци.
Во подгрупа од 197 луѓе кои преживеале симптоматски инфекции со САРС-КоВ-2 и анкетата ја пополниле по 12 и 18 месеци, мнозинството пријавиле долгорочни симптоми и двата пати. Во текот на 12-месечниот период, 11 отсто од луѓето не закрепнале, додека 51 отсто од пациентите делумно закрепнале, а 39 отсто целосно закрепнале.
Асимптоматската инфекција не била поврзана со долгорочни симптоми. Но, кај 31.486 луѓе со симптоматска инфекција, половина од нив не успеале да закрепнат во период од 6 до 18 месеци.
Нашето истражување е важно
Истражувањето засновано на прашалник што го пополниле испитаниците покажало дека осум проценти од пациентите не закрепнале од болеста, 47 проценти делумно закрепнале, а 45 проценти целосно закрепнале.
„Нашата студија е важна затоа што придонесува за подобро сфаќање на долгиот ковид кај општата популација, а не само кај оние пациенти кои биле хоспитализирани со ковид“, рече шефицата на студијата Џил Пел од Универзитетот во Глазгов.
Долгиот ковид бил почест кај хоспитализираните и постарите пациенти, кај жените и кај оние со постоечки здравствени проблеми. Најчесто пациентите пријавиле отежнато дишење, болка во градите, прескокнување срцето и чувство на конфузија и мозочна магла.
Најновиот извештај на Институтот за здравствена метрика и евалуација на Универзитетот Вашингтон во Сиетл, објавен во списанието на Американското медицинско здружение, покажа дека жените сочинуваат 63 отсто од луѓето со долг ковид