Во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци синоќа се одржаа концерт и свечена академија во чест на истакнатиот пејач на македонски народни песни Никола Бадев.

Организатор на настанот беше Здружението на пензионери, во чиј состав делува и пејачката група, што го носи името на овој пејач.

– Ние групата „Никола Бадев”, гордо го носиме името на еден од најистакнатите македонски пејачи, рече Маријана Пешиќ, новинар и водител на настанот, член на групата.

Претседателот на Здружението на пензионери, Бранко Шемов појасни дека на овој начин се одбележуваат 104 години од раѓањето на Бадев, бард и доајен на македонската изворна народна песна.

Директорот на Музеј галерија Кавадарци, Томе Крстевски нагласи дека иако од 1976 година физички веќе не е меѓу нас, Никола Бадев живее преку песната, живее во сеќавањата на неговите современици, живее во срцата на сите љубители на македонската народна песна.

– На 26 октомври 2018 година кога се навршија 100 години од раѓањето на Никола Бадев, во Музејот на мирис и вкус беше свечено отворена спомен соба посветена на овој великан, потсети Крстевски.

Пред присутните се обратија и ќерките на Бадев, Роска и Сузана. Тие рекоа дека се почестени од еден ваков концерт.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2022 05:59