Во салата „Бели Мугри“ во Велес солистички концерт на пијано попладнево одржа познатата и еминентна македонска пијанистка Ана Гацева, која пред велешката публика настапи со дела од Зографски, Шуман и Шуберт.

Во разговорот за МИА, по концертот, Гацева информира дека во Велес се чувствува прекрасно како дома. Таа досега настапила повеќепати со камерни состави, но ова и е прв солистички концерт. Воедно има повеќе свои колеги и пријатели кои со задоволство ги видела меѓу публиката.

-Оваа програма ја одбрав внимателно, тоа се композитори кои исклучително се блиски на мојот сензибилитет како уметник. Зографски како почесен член на Фондацијата Томислав Зографски со љубов и задоволство секогаш го свирам ова дело и кај нас и во странство. Шуберт и Шуман се композитори многу блиски до моето срце, тоа е ран и доцен романтизам и нивни скоро последни дела од опусите и се приближуваат до некои поинакви димензии во својот израз.Јас во овој период од животот се чувствував доволно подготвено да одговорам на тие длабоки уметнички задачи во овие дела, потенцира Гацева.

Таа информира дека пред Велес оваа иста програма во мај годинава ја свирела во Келн, Германија, а потоа почувствувале желба истата програма да ја претстави и пред македонската публика.

По Велес во понеделник ќе има концрт со нејзиното трио „Аура“ на затворање на фестивалот „Златна Лира“ во Скопје.

Со нив пред неколку недели имала настап на Музичката Академија во Загреб.

Пијанистката Ана Гацева најави дека и до крајот на годинава подготвува и други концерти.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2022 07:19