Во Салон 19:19, денеска концерт ќе одржат словенечките хорови и вокални групи „Мотив“, „Дивокс“ и „Трио Ле диве“ од Нова Горица и словенечкиот хор „Франце Прешерен“ од Скопје.
Концертот ќе се одржи во чест на словенечкиот државен празник „Ден на реформацијата“.
„Мотив“ е мешан хор, чија цел е да ги посетува Словенците низ светот. Така, хорот имал бројни настапи во Канада, Германија, Белгија, Холандија, а следната година поканети се да ги посетат Словенците во Аргентина. Со хорот раководи Миран Рустја кој е диригент, композитор, поет и музички педагог.
Вокалната група Дивокс (Divox) е составена од шест члена кои изведуваат словенечки композиции и композиции од светската литература. За вокалната техника на членовите е задолжена соло пејачката и педагог по пеење Марјетка Лузник, а уметнички раководител на групата е диригентот Јани Кланцнич.
Триото Ле диве (Trio Le dive) ги раководи и со нив настапува соло пејачката и музички педагог Марјетка Лузник. За време на две години, колку што и настапуваат, имаат одржано три самостојни концерти и имаат гостувано во Чешка.