Со доделување на наградите на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) и со концерт на триото „Аура“ вечер во Музејот на македонската борба свечено ќе биде затворен Фестивалот на музичките уметници на Македонија „Златна лира“.
На програмата на концертот на триото „Аура“ се дела од Лефебре, Иванов, Доницети, Морлаки, Пјацола.
Триото „Аура“ го сочинуваат тројца истакнати музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски. Темков, Гацева и Милошевски работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
„Аира“ има долгогодишна и богата концертна активност во и надвор од нашата земја. Чести гости се на реномирани меѓународни фестивали во земјата и странство, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови. Тие имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во САД, Франција, Германија, Австрија, Велика Британија, Бугарија, Србија, Словенија и во држави Азија и Африка, за кои добиваат позитивни оценки. Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти по покана на реномирани меѓународни фестивали, како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“, БУНТ Белград, Софија, Нишки фестивал, фестивал „Барски љетопис“, фестивалот „Еспресиво“ – Цетиње, фестивал „Нимус“, фестивал „Ледамус“, како и на фестивали во Врање, Ваљево итн, со што се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во земјава.
Триото промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко високо естетско камерно музицирање високо го карактеризира „изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот“.
Наградата „Златна лира“ која СМУМ ја доделува за врвни уметнички достигнувања во изминатата година за 2021 година му се доделува на кларинетистот Ристо Ѓоревски. Кларинетистот и универзитетски професор Иван Кочаров е добитник на наградата „Златна лира“ која СМУМ ја доделува за животно дело.
Ристо Ѓоревски завршил нижо и средно музичко училиште во Битола во класата на професорот Панде Татарчевски, а своите студии ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Иван Кочаров, во чија класа ги завршува и постдипломските студии во 2006 година. Уште во текот на своето образование забележува бројни настапи како на концерти така и на државните натпревари по кларинет и камерна музика. Наградуван е со прва државна награда за кларинет во 1994 и 1997 и прва државна награда за камерна музика во 2002 година, а во 2015 година како дуо кларинети Ѓоревски – Бакревски ја освојуваат сребрената награда на натпреварот „Свирел“ во Словенија во категоријата камерни состави.
Концертно настапувал на повеќе соло рецитали, но и како член на различни камерни состави и оркестри во републиката и надвор од неа. Одреден период настапувал како член на Македонскиот дувачки квинтет, додека сега е активен член на Скопскиот дувачки квинтет. Забележителен е и неговиот настап на Скопско Лето 2009, на концертот по камерна музика заедно со македонскиот пијанист Симон Трпчески, како и со младинскиот оркестар на „КултурОп“ под раководство на светското „чудо од дете“ диригентот Илич Ривас. Исто така, голем впечаток и позитивни критики беа забележани после неговиот настап заедно со Сергеј Петров – прв кларинетист на Бољшој театар (Москва) и Елена Атанасовска Ивановска – пијано на фестивалот „Охридско лето 2014“, како и на „Битфест 2014“.
Иван Кочаров дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Белград, Србија (класа на проф. Бруно Брун). Во 1969 година се вработил како прв кларинетист – солист во оркестарот на Македонската филхармонија. Истовремено е избран за професор на ФМУ во Скопје, тогашна Висока музичка школа. Постдипломски студии завршил во Белград во 1978 година кај истиот професор, како прв магистер по кларинет од земјава. Од неговата класа по кларинет досега имаат дипломирано околу 90 студенти, активни учесници на концертната сцена во државата и надвор од границите.
Музичката критика за настапите на Иван Кочаров се огласува со позитивни оцени, истакнувајќи ја неговата музикалност, одличната техника, сигурна интерпретација, топол тон, чувство за внатрешна логика на делото, интерпретаторска зрелост и сугестивност.
Влезот на концертот е слободен.