Илон Маск, новиот сопственик на Твитер, објави дека наскоро планира да воведе месечна претплата од околу осум американски долари за корисниците кои ќе треба да ја потврдат автентичноста на својот профил и сакаат да бидат помалку изложени на реклами.
Од минатата година Tвитер нуди платени услуги, но Маск сака да воведе нова понуда, поскапа и наменета за поголем број корисници, којашто ќе значи поразновидни извори на приходи на платформата. Маск, кој го купи Твитер во четвртокот, најави дека ќе им наплаќа месечна претплата на оние кои сакаат сина ознака до нивното име како потврда дека профилот не е лажен.
Само одредени профили засега можат да ја користат оваа опција, како што се оние на влади, компании, медиуми, политичари, спортисти итн.
Претплатниците ќе имаат и други придобивки – нивните твитови ќе добијат приоритетен статус, ќе може да објавуваат подолги видеа и аудиоснимки и ќе бидат изложени на двојно помалку реклами. Цената на таа претплата ќе зависи од земјата на корисникот.
Маск тврди дека заработката не му е најбитна, туку сака „да му помогне на човештвото“ по купувањето на Твитер. Но, платформата 90 отсто од приходите ги добива од реклами и никогаш не била толку профитабилна како Фејсбук, Инстаграм и Гугл.