Театарот е поле на најдревното артикулирање на секоја човекова доблест или маана, и на неговите најдлабоки емоции, болката, радоста или тагата. А, најважната функција на оваа специфична уметност е да го толкува светот како отворен процес со мноштво нијанси во себе, како и да ги поставува прашањата во еден критички дискурс, кои политичката сцена, за разлика од театарската често сака да ги премолчи. Тоа е суштинската, еманципирачка улога на театарот, да искажува ставови без страв и низ актуелните естетски форми да биде гласот на оние од маргините.
Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето синоќа на свеченото отворање на 30-тите Меѓународните средби на студентите на академиите и факултетите за драмски уметности СКОМРАХИ 2022, што под негово покровителство ќе одржуваат до 5 ноември.
–Мајсторите низ драмските дејствија во театарот знаат како професионално да ги артикулираат клучните цивилизациски теми, затоа што се во постојана потрага по вистинскиот пат за отворање на прашањата, што е далеку поважно од нивното затворање.Токму во овој контекст, од исклучително значење е тридеценискиот живот на нашите СКОМРАХИ, како меѓународна средба на академиите и факултетите за драмски уметности, вели Пендаровски.
Во овие времиња кои често се одликуваат со неразумни поделби меѓу нас, со губење на супстратот на она што се нарекува органска, креативна заедница, СКОМРАХИ со својот концепт, вели тој, во кој се спојуваат различните култури и креативни потенцијали на Европа, се неопходни.
-Динамично, налик на патувачките уметници, кои пред векови знаеле дека отпорот и мобилниот номадски дух се клучот за опстојување на заедницата, нашата креативна зона, наречена СКОМРАХИ верувам дека ќе трае за да биде поттик за создавање на иновативен театарски, драмски и актерски јазик. Јазик кој и понатаму ќе ги следи античките дефиниции, кои укажуваат дека во суштината на драмското дејствие се конфронтацијата и дијалогот преку кои се искачуваме скалило погоре во потрагата по слободата, порача Пендаровски посакувајќи им на учесниците денови на креативна размена и уметничка конфронтација.