Во „Галерија 22“ во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип денеска е отворена Меѓународната ликовна колонија „Ѓуриште 2022“.
Трајче Кацаров, од Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, истакна дека на изложбата можат да се видат 20 уметнички дела, кои ги создавале уметници од земјава и странство.
– Изложбата е отворена од денеска и ќе биде отворена 10 дена во Центарот за култура. Сите оние кои сакаат и имаат потреба за еден таков контакт или да речеме таква комуникација со делата од Ликовната колонија „Ѓуриште“ секој ден во Домот на културата можат да дојдат и да ја погледнат, вели Кацаров.
Посочи дека тоа се дела на уметници од Црна Гора, Бугарија и нашата земја, кои се афирмирани. Кацаров истакна и дека секогаш се отворени вратите на Центарот за култура „Ацо Шопов“ за ликовните уметници и за ликовните колонии.