Унијата на македонски асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје денеска и утре организира „Гејм џем“ за деца и млади. Активностите ќе се реализираат во фоајето на кино „Синеплекс“ во Сити Мол во период од 11:00 до 15:00 часот.

Младите креативци ќе имаат прилика да се запознаат со самиот процес на креирање видео игра и да се обидат самите да направат видео игра. Настанот ќе се реализира во рамки на Саемот на креативни индустрии, на кој ќе учествуваат повеќе претставници од гејминг индустријата.

Младите креативци ќе имаат прилика да се запознаат со сите изложувачи и да разменат контакти со присутните од гејминг индустријата.

Идејата на „Гејм џем“ е младите да се запознааат со креативните можности кои ги нуди еден од најбрзо растечките нови медиуми, а тоа се видео игрите, да им се објасни процесот на создавање видео игри, да ги разберат и да научат креативно да ги користат дигиталните алатки за нивно создавање.

Активноста „Гејм џем“ е продолжение на третото издание на проектот „Видео игротека“, во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје, а се реализира со поддршка од Град Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/11/2022 09:12