Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ќе се обратат на отворањето на Вториот македонски конгрес за патишта 2022.
Вториот македонски конгрес за патишта ќе се одржува денеска и утре во чест на големиот јубилеј, 55 година од основање на Друштвото за патишта на Република Македонија.
Во прилог на Конгресот, како што е објавено на официјалната веб-страница, е и големиот инвестициски циклус во патната инфраструктура кој се одвива во Република Македонија во висина од преку 1 милијарда евра, изразена преку изградба на автопати, неколку експресни патишта и повеќе регионални патишта.
Теми на претстојниот втор македонски конгрес за патишта се – планирање и проектирање, управување, изградба и одржување, безбедност на сообраќајот на патиштата, заштита на животната средина и одржлив развој, инфраструктурни објекти, транспортна политика и финансирање, ITS и нови технологии во сообраќајот, слободни и сродни теми од областа на патишта и презентација на нови проекти…
На Првиот македонски конгрес за патишта во 2019 година имаше повеќе од 350 учесници од 16 земји во Европа, со повеќе од 60 научни трудови.