Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип е една од институциите која најдобро ги користи буџетските, но и сопствените средства за инвестиции во самата институција, изјави денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која беше во работна посета на овој Центар за култура и на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град-Штип.
Министерката истакна дека во рамки на посетата на штипскиот Музеј ќе се запознае со реализираната програма, потоа со археолошките истражувања, но и со тоа што понатаму ќе можат да помогнат во реализација на проектите.
Во однос на прашањето за Законот за култура, таа посочи дека уште е во изработка и додека не се слушнат сите засегнати страни, не може да информира кои се клучните промени.
-Но, една од најголемите промени е што активно ги вклучуваме младите и штотуку дипломирани студенти, што значи дека ќе има категорија, каде што тие ќе можат да се вработуваат веднаш после дипломирањето, вели Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес е се уште активен и очекува добри проекти од страна на апликантите. Како што рече, се надева дека економската и енергетската криза нема да влијаат врз кратењето на средствата.
-Досега знаете и во самата институција, каде што сум денес, Центарот за култура „Ацо Шопов“ имаат највиско ниво на заштеда на електрична енергија, во споредба со минатата година, овој период. Министерството за култура и институциите се навистина посветени на мерките за штедење од Владата, а тоа е заштеда на електричната енергија, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Прашана дали наредната година Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ ќе добие поголеми средства, министерката за култура истакна дека има стручна Комисија која ги разгледува проекти и одлучува колку средства ќе се издвојат.