Самостојната изложба „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани од Косово вечер ќе биде отворена во Музејот на современата уметност – Скопје. Куратори на поставката се: Владимир Јанчевски, Ива Димовски и Благоја Варошанец.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и ќе биде отворена до 25 февруари 2023 година.
Селмани е еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, а наградата подразбира реализација на самостоен проект во МСУ – Скопје.
– Понекогаш само се обидувам да ја пренесам оваа состојба на умот во уметнички дела, кои несвесно содржат хумор, како критика на она што ние веруваме дека е дефинитивно, вели авторот Селмани.
Од МСУ – Скопје информираат дека изложбата на текстуални дела, објекти и видео се обидува да воспостави нови релации во дадениот контекст, јасно покажувајќи ги начините на кои Селмани духовито користи специфична форма на хумор за да го истражи и преиспита секојдневието, коешто обично се врзува за апсурдни традиции и хиерархиски структури.
-Делата се фокусираат на различни прашања од нашата несигурна современост, почнувајќи од популарната култура, до доминантните дискурси на моќта, кои ги обликуваат нашите животи и ги преиспитуваат историските наративи, стереотипите, чувството на припадност и исклученост, се вели во соопштението од МСУ – Скопје.