Тетовскиот фотограф Драги Неделчевски во вторник 8 ноември ќе се претстави пред јавноста со 26 фотографии преку изложбата насловена „Дијагноза“ во големиот салон на галеријата „Ко-Ра“ дел од Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје. Како што е насловена и самата изложба, фотографиите ги претставуваат дијагнозите со кои се соочува човекот и оптештество.
–Мојот интерес во фотографијата отсекогаш бил човекот со сите негови премрежија, суптилни и груби борби пред кои го исправа животот. Овојпат, се решив за еден проект кој беше тежок да се истера до крај. Тежок од повеќе аспекти. Емотивно, етички, технички, артистички, фотографски… Секој од нас има понекоја дијагноза. Општеството во кое живееме има дијагноза. Светот, исто така. Со овие фотографии сакав да поставам некои прашања, без очекување дека ќе ги најдам сите одговори. 26 фотографии и илјадници прашања, изјави Драги Неделчевски.
Во каталогот за изложбата писателот Игор Поп Трајков вели фотографската камера на Драги Неделчевски повеќе сака да ни ја долови аурата отколку самото тело.
–Границите на човековото тело се она кое тој самиот го согледува кога е пред огледало, без разлика дали на него има облека. Според некои истражувања ова не се егзактните граници на телото, туку околу него постои електромагнетна аура која е значи поголема од самиот физички зафатнина на телото. Оваа аура има дупки кои наводно настануваат доколку постојат болести, стресни ситуации, недостаток на правилна исхрана или сон, истакнува Игор Поп Трајков.
–„Дијагноза“ е материјализирање на есенцијата на човекот. Таа ја материјализира желбата за живот. Ако некогаш сте се прашувале како изгледа живо парче хартија што без зборови раскажува минато, сегашност и иднина, драматична осцилација на пад и подем, тогаш со сигурност тоа ќе биде „Дијагноза“, порачува Светлана Сиљјаноска.
Поетесата Ана Голејшка Џикова во каталогот за фотографиите на Драги Неделчевски вели дека одекнува уметноста на живеењето со дијагнозите.
–Сите кадри се силни шлаканици на реалноста, упатени кон гледачот што не може да види лице. Не може да препознае човек. Но може да види тело и некаква пропорција што немо го пренесува телесниот немир, закован за рамката. Не ги познавам дијагнозите од прва кога ги читам низ написите на секоја фотографија. Но гледам форма што се изместила. Ме изместува и мене затоа што односот со сопствено тело е некогаш борба што уморува. Како што и самиот Драги ќе рече за процесот – тежок, мачен, интимен, од многу аспекти предизвикувачки, така и овој сет од 26 различни човечки судбини се овековечени во целата своја вистина, вели поетесата.
Свеченото отворање на изложбата во вторник е од 20 часот. Фотографиите ќе бидат изложени до 15 ноември.