Пред публиката во Офицерски дом настапија млади музички таленти од музичкото училиште.
Во рамки на празничната програма на Општина Битола посветена на Денот на ослободувањето на градот 4-ти Ноември, а во организација на Здружение на пијанисти и музчки педагози„ Пијано“ и Државно Музичко училиште, се одржа музички маратон „Со љубов за Битола“.
Пред публиката во Офицерски дом настапија млади музички таленти од музичкото училиште, на сите инструменти кои што се изучуваат во училиштето, пијано, виолина, гитара, соло пеење, труба, кларинет, флејта, ударни инструменти, саксофон…
-Со моќта на музиката, со маратонот – кој е симбол за упорност и издржливост, музичкото училиште кое е еден од брендовите на нашиот град и кое што оваа година одбележува 75 години од своето постоење и со здружението „Пијано“ кое постои за Битола и јасно го глорифицира епитетот „Битола, град на клавири“, имавме настан кој долго ќе се памети, а битолчани имаа можност за културно уживање, истакнаа Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска од здржението „Пијано-Битола“.
Домаќин на културниот настан беше ЈУ КИЦ-Битола, кои воедно приредија отворен ден во Офицерски дом со цел како што рече директорката Лили Бошевска, секогаш битолчани и уметниците да уживаат во импозантниот објект.