Во кумановскиот Центар за култура утревечер, во 19:30 часот, ќе биде отворена изложбата на дела од 20-та Меѓународна ликовна колонија „Карпино 2022“, информираа од организацијата Мултимедијален центар „Карпино“.
Кумановци ќе имаат можност да проследат 25 слики работени од автори од повеќе држави во различни техники.
– Годинава на јубилејот учествуваа 13 уметници. Задоволни сме од годинашнава продукција, имавме квалитетни учесници, добро помина самата колонија. Уметниците посетија повеќе знаменитости и туристички локалитети во североисточниот регион. Утревечер по повод јубилејот ќе поделиме плакети на шесте уметнички директори на колониите, Зоран Јакимовски, Мики Трендафиловски, постхумно на Драгиша Димитријевски Шипе, Мире Величковски, Валентина Илијевска и на Дејвид Стоилковски, изјави претседателот на Мултимедијален центар Зоран Павловски.
Тој ги повика граѓаните да ја посетат изложбата и да ги видат делата на уметниците. Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 17 ноември годинава, а потоа ќе биде претставена во неколку други галериски простори низ државата.