Авторката и актерка Енџи Николоска со монодрамата „Крик“ учествуваше на годинешното 27. издание на Интернационалниот фестивал за мали сцени и монодрама во Сараево.

Монодрамата „Крик“ е авторски независен проект, во кој авторка и актерка е Енџи Николоска – по текстови на Франка Раме, Ана Исаковиќ, Миња Боговац, архивски материјали и вистинити приказни.

– Оваа претстава е настаната од сите неправди кои им се случуваат на жртвите, а доаѓаат од позиција на моќ. Ова е игра…претстава.. за еден процес. Внатрешен. За милион процеси. За вознемирување и насилство. За различните ставови и размислувања во општеството. За сето она за кое општеството никогаш нема да проговори ниту збор. Дали сме безбедни кога сме во трговски центар, на лекар, на работа, на факултет? „Крик“ им дава глас на повеќе засегнати страни-жртви, насилници, полиски службеници, интернет „активисти“. Останува парадоксот кој лежи во насловот- „Крик“ , a не содржи ниту еден крик, но сепак гласно вреска за болките и неправдите, истакнува авторка Енџи Николоска.

Оваа претстава е настаната како дипломска претстава на Енџи Николоска во класата драмски актери на проф.Киранџиска и проф. Леловац на ФДУ-Скопје (премиера на 21.06.2021-Драмски театар), но по дипломирањето „Крик“ е дел од независната театарска сцена во продукција на АВАНГАРТ и понатаму активно се игра. Селектирана на Интернационален театарски фестивал – Нови Сад, Интернационалниот фестивал на монодрама – Битола и Интернационален фестивал на мали сцени и монодрама-Сараево.

– Фестивалите се многу значајни затоа што имаме прилика да се соочиме со нешто поинакво од она на кое сме навикнати во средината, размената на искуства и чувството дека си почитуван за тоа што го работиш, создаваш е многу значајно без при тоа да се напоменува дека си млад па има време за се’ како што често се случува-време има точно е, ама исто така сме и желни за нови знаења, прилики и искуства. Драго ми е дека „Крик“ не остана само дипломска претстава, туку напротив и понатаму се игра, а и листата со учество на интернационални фестивали се зголемува, ова е трет интернационален фестивал за година и половина, истакна Николовска.

Таа вели дека монодрамата и помогнала да продолжи актерски да расте. – Претставата од изведба во изведба се менува-приказни се надополнуваат, за жал. Тоа укажува на фактот дека навистина живееме во општество во кое владее култура на насилство, на социјалните мрежи сме гласни со навредливи коментари без ни малку чувство за како тоа влијае на другиот, а тивки сме кога станува збор за неправда во општеството па дури и се тргнуваме на страна. И понатаму сме заглавени во длабоко вкоренатото патријархално општество во кое насилникот може да удира, навредува, набива трауми и стресови и пак да биде во право. „Крик“ гласно вреска и им дава глас на сите оние кои во моментов гласно врескаат во себе. Впрочем затоа и постои театарот-да отвора големи теми, а ние кои се занимаваме со оваа професија гласно да зборуваме за она што не опкружува, посочува Николоска.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2022 10:29