Целата слатка програма како и закуските на Витаминка се изложени на саемот ИСМ – СИ 2022, што од 8 до 10 ноември се одржува во Дубаи. ИСМ е најголемото саемско случување за кондиторски производи во Средниот Исток и претставува значајна бизнис и комуникациска платформа во прехранбената индустријата.
„Настапите на саеми, посебно овие што важат за центар на случувањата во индустријата се од големо значење за изложувачите бидејќи на овој начин се обезбедува пат до светските пазари. За нас, уште еднаш се потврди фактот дека преку континуирани вложувања во асортиманот и квалитетот на производите, креираме конкурентна понуда за задоволување на сé пософистицираните барањаод страна на потрошувачите, а тоа првично се мери на овие манифестации. Патот до странските пазари започнува од саемското претставување и можностите за потенцијални соработки на глобално ниво“, истакна Љупчо Велески, директор на Извоз во Витаминка.
Оваа година ISM ME стави посебен акцент на чоколадата, кондиторските производи, десерти, грицки, обезбедувајќи значителни можности за компаниите да се вмрежат, да го промовираат својот бренд и да го прошират својот трговски круг низ регионот. Како изложувачи присутни се производители, компании, ланци и дистрибутери од целиот свет.