Во фоајето на прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“ синоќа беше отворена изложбата на слики „Боите на мојот град“ од авторот Филип Јовески. Станува збор за слики во комбинирана техника кои Јовески ги создал годинава. претставени се значајни градски објекти, визури и пејзажи од Прилеп.
Јовески вели дека во делата ги спојува архитектурата и уметноста.
– Делата се кулминација на моето истражување на архитектонската форма низ илустрација и слика, искажано преку синергијата на двата аспекта од моето творештво: архитектурата и уметноста, рече Јовески.
Историчарот на уметност, Викторија Димеска, која ја отвори изложбата пред прилепските љубители на уметноста, посочува дека Јовески со бојата креирал концептуална и амбиентална свежина.
– Со мапирањето на културно историските споменици и инкорпорирањето на прилепските пејзажни предели, Јовески создава вонвременски холограмски простор на својот роден град, конструиран и обоен од сопствените сеќавања, импресии и емоции, рече Димеска на отворањето на изложбата.
Филип Јовески е дипломиран инженер, архитект, магистер по архитектура. Има проектирано повеќе значајни објекти во Македонија и во Германија. Учествувал на повеќе групни ликовни изложби и проекти, како и на уметнички колонии за скулторство и за сликарство. Работи и како дизајнер, илустратор на детски книги и концепт-артист за графички новели. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Прилеп.