Објавено е најновото шесто дело на тетовската писателка Славица Дабеска-Ќироска романот „Срна“. Во наредниот период „Срна“ ќе има и јавна промоција во Друштвото на писатели на Македонија каде членува авторката.
Романот „Срна“ ги отсликува навиките, обичаите и тивкиот стил на живеење на едно тетовско семејство, низ призмата на ликот на убавата, црвенокоса девојка Срна. Дејствието започнува од средношколските, гимназиски денови на Срна. Низ описот на професорите во најпознатата и меѓу најстарите гимназии во Македонија – се препознава и согледува школството во раните 60-ти години на минатиот век.
– Од ликовите на професорите, кои им се идоли на учениците, може да се насети огромното влијание врз бројните генерации. Матурата е посебен настан, а Срна ја доживува многу емотивно, бидејќи тогаш започнува испишувањето на нејзината иднина. Се остварува сонот таа да студира медицина и тоа носи невидена среќа во нејзиниот дом. Срна со радост заминува во Скопје, каде заспива во еден часот по полноќ со последното писмо добиено од Томе. На 26 јули 1963, крици ја разбудуваат во валми, сива магла.., открива дел од содржината писателката Славица Дабеска-Ќироска.
Романот „Срна“ претставува продолжение на нејзниот претходен роман „Зелениот капут“. Авторката досега ги има објавено стихозбирките на современа поезија: „Булки покрај пругата“,„Венчаница“,„Душа која грее“,„Само ѕвездите знаат“.