„Интимнo понирањe“ е насловена самостојната исложба на академскиот ликовен уметник Трајче Чатмов отворена во Ликовниот салон во Велес.

Чатмов кој е велешанец, пред своите сограѓни се претстави со 40 – тина уметнички дела во акрил на платно, настанати во изминатата година и пол – две.

Елица Николова историчар на уметноста и директор на велешкиот Народен музеј кој е организатор на изложбата, истакна дека преку експресионизмот на сликите во кои доминантни се фигурите, особено човекот и животните.

-Чатмов ја користи уметноста да не приближи до реалноста и оттаму до минатото, поврзувајќи ги историското и уметничкото, естетското и херојското и со моќта на уметноста да делува естетски, но и едукативно во заштита на нивниот културен идентитет. Велес како град има со што да се гордее во однос на културното наследство, посебно со архитектурата и сликарството, од познатите до непознати зографи до денешните современи ликовни уметници, а токму Чатмов е еден од нив, потенцира Николова.

Гоце Наневски промотор и колега на Чатмов од студентските денови, потенцира дека изложбата има целина во својата дефинитивна оска и покажува дека Чатмов е многу посветен автор, сликар кој секојдневно твори.

-Проблемот со којшто се сооува авторот со белото платно е истовремено убава но и страшна работа и практично целото негово творештво е едно херојство којшто го покажува патот понатаму. Тешко можам да ја гледам изложбата како еден индивидуален чин. Таа е само еден дел од мозаикот кој Трајче го создава и не наградува нас останатите гледачи со неговите вредности. Многу се радувам што има ново камче во мозаикот и што тука сме заедно да посведочиме за тоа камче, потенцира Наневски.

По отварањето на изложбата уметникот Чатмов, во коментар за МИА, за насловот на изложбата појаснува дека корона изолацијата во изминатите две години беше можност да се свртиме кон самите себеси, да понираме колку што може подлабоко, да се осознаме и воедно значеше повеќе време и простор за работа и творење.

-За споредба на моите поранешни слики и новите, јас лично не можам да забележам промени во работата, но кога ќе ги изложам, дали има прогрес незнам, но има некоја промена и во начинот на работа. Некои се поагресивни, некои посмирени, некои се поколористични, некои помалку, потенцира авторот Чатмов.

Вели дека слика секој ден и нормално е дека расположението секој ден не е исто, а тоа се пресликува на неговите дела.

-Ние Македонците самиот тој жар го носиме во себеси, затоа, според мене ние македонските експресионисти сме најогнените и најколористичните автори пошироко, па и во светски рамки. Верувам дека и јас го имам наследено тој момент, бидејќи и јас сум Македонец во оваа наша Македонија, а секоја слика е своја приказна, појаснува Чатмов.

Со оваа изложба Чатмов веќе гостуваше во Скопје, Охрид и Куманово, а во неговиот роден Велес публиката ќе може да ја погледне во Ликовниот салон до 30 ноември.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/11/2022 15:35