Ордева има просек 9,82 и е студент во петта година на општа медицина при Факултетот за медицински науки на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.

Студентката Љубенка Ордева синоќа на свечена академија што се одржа во Народниот театар во Велес по повод Денот на ослободување на градот ја доби наградата најстудент „Проф д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“ за 2022. Наградата и ја врачи градоначалникот на Велес, Марко Колев.

Ордева има просек 9,82 и е студент во петта година на општа медицина при Факултетот за медицински науки на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.

Во изјавата за МИА, таа потенцира дека и е голема чест и е пресреќна што е избрана за оваа највисока општинска награда по повод 9 Ноември и упати благодарност до Комисијата за општествени дејности што ја избра токму неа.

– За да се биде најдобар студент потребно е многу учење, упорност и истрајност. Мојот совет до идните студенти е да вложуваат во себе и своето образование, затоа што на крај секој секој труд се вреднува. Наградата и целиот вложен труд ги посветувам на моите родители, потенцира Ордева.

Наградата за животно дело „Гемиџии“ му беше врачена на прим.д-р Петре Крстев, педијатар кој веќе две години е во пензија, а за посебен придонес во превентивната здравствена заштита на деца од предучилишна возраст и правилен раст и развој.

Во своето обраќање тој им порача на родителите да ги заштитат своите деца со тоа што ќе ги вакцинираат, а на младите мајки да ги дојат своите бебиња.

-Ги промовирам и се уште ги промовирам доењето кај бебињата и имунизацијата на децата како основни мерки со цел за превентивна заштита на нивното здравје, како и намалување на смртноста кај децата. Целта е да имаме здрави деца и помала смртност, порача прим д-р Крстев, на говорницата, примајќи ја највисоката општинска награда за животно дело „Гемиџии“.

На свеченоста беа врачени и другите 9-то Ноемвриски награди и признанија, како што се пофалници, благодарници и спомен плакета „9 Ноември“.

Спомен плакетата „9 Ноември“ му биде врачена на прим д-р Лазар Бабунски за посебен придонес во истражувачката и публицистичка дејност од областа на офтамологијата.

Спомен плакета добија и историчарот Слободан Ников за посебен придонес во истражувачката и публицистичка дејност од областа на историското минато на Велес и велешко и Иле Атанасов од „Брако“ за посебен придонес во инженерското иноваторство и создавање на брендот „Green Machines“.

Свеченоста во чест на наградените и сите присутни беше заокружена со многу емотивен македонски евергрин колажен концерт на Лидија Кочовска, Влатко Груевски и Андреј Наунов. Публиката која цело време пееше со изведувачите со аплаузи неколкупати ги враќаше на бис, а тие изведоа уште неколку прекрасни македонски евергрин песни.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2022 03:31