Воздухопловно – едукативен саем Skopje Air Fair, ќе се одржи денеска во Градски парк во Скопје, во организација на Здружението за подобро воздухопловство АВИКОН.

Целта на саемот, што се одржува вторпат, е промоција и популаризација на воздухопловните професии кај младата популација, која, најавува органзиаторот, на едно место во исто време, ќе има можност интерактивно да се вклучи во спознавање на професиите: контролор на летање, пилот, воздухопловни инженери, инспектор за безбедност во авиосообраќајот и други видови воздухопловен персонал.

-Стручниот воздухопловен кадар, пак, од своја страна ќе се обиде да ја задоволи љубопитноста на посетителите, кои сакаат да ги спознаат вештините и знаењата со кои располагат носителите на овие значајни позиции во воздухопловниот сектор. Со кои се предизвици треба да се соочат за да стигнат до пилотска дозвола, како да се стекнат со сертификат за контролор на летање, кои се надлежностите на инспекторите за безбедност во воздушниот сообраќај и многу други прашања и одговори, присутните ќе можат да добијат, на промотивните пултови на субјектите од воздухопловната индустрија и надлежните воздухопловни институции, најавуваат организаторите.

Промотивен штанд на саемот годинава ќе има и Агенцијата за цивилно воздухопловство која ќе биде застапена преку тим од инспектори за надзор над безбедноста и обезбедувањето во воздушниот сообраќај во земјава, за аеродромски услуги, како и за заштита на правата на патниците во воздушниот транспорт.

Воздухопловниот академски и кариерен саем годинава добива и интернационален карактер, а покрај домашните воздухопловни институции, присуство потврдиле и претставници на унгарската авиокомпанија WIZZAIR, со членови на пилотската кадет програма, како и гости од Воздухопловната Академија на Србија.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2022 10:08