Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Црна Гора и Постојаната работна група за регионален рурален развој (СВГ) во Југоисточна Европа (ЈИЕ) ќе бидат домаќини на 16. годишен работен состанок на министрите за земјоделство од ЈИЕ што ќе се одржи утре во Будва, Црна Гора.
Перспективите во секторот за земјоделство и руралниот развој во регионот на ЈИЕ ќе бидат клучни теми на состанокот, но ќе се разгледаат и процесот на регионална соработка во агро секторот, како и значењето на евроинтеграцијата за земјите од Западен Балкан.
Предвидено е министрите да елаборираат за имплементација на ИПАРД програмата во земјите на Западен Балкан и важноста на ИПАРД 3 што треба да се користи како алатка за спроведување на т.н. зелена агенда, но и за важноста на слободната трговија и обврските и мерките за слободно движење на земјоделските стоки, снабдувањето и резервите, имајќи ги предвид тековните геополитички случувања и влијанието на војната во Украина.
Оваа година во ноември Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Црна Гора го презема претседателствувањето со Собранието на СВГ за следната годината и се стреми кон регионална соработка и интеграција во областа на земјоделството и руралниот развој на целиот регион на Западен Балкан.