Советот на Град Скопје со 19 гласови „за“, пет „против“ и четири „воздржани“ усвои амандман поднесен од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за доделување финансиска помош од 15 милиони денари на ФК „Вардар“. Градоначалничката Данела Арсовска оцени дека со оваа помош „ќе се наполнат туѓи џебови или ќе се исплатат извршителите“ и ја повика Финансиската полиција да изврши контрола во клубот.
– Од 2021 година клубот го има превземено фирма којашто го однела во втора лига. Таа фирма нема исполнето ниту една од обврските согласно договорот за купо-продажба, односно исплата на обврските од над два милиона евра којашто ги презела за да може да го води ФК „Вардар“, истакна Арсовска.
Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски, изјави дека фудбалерите веќе четири месеци немаат земено плата и мора да се изнајде системско решение за во иднина да не се случува ова.
– ФК „Вардар“ е во многу големи проблеми и да не е во сопственост на градот, но за состојбата во која што се наоѓа можеме да бараме вина во претходното раководство на Градот и немањето слух да преземе чекори за да не дојде клубот во оваа состојба во која се наоѓа, односно во Втора лига со милионски долгови, посочи Нелоски.
Претходно, едногласно беше прифатен и амандманот на советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска за субвенционирање на енергетската сиромаштија со коешто ќе се помогне на социјално ранливите категории на граѓани.
За време на седницата, советничката избрана од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова, се изјасни дека од денеска ќе дејствува како независен советник во градскиот Совет.