Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска ќе ја отвори конференцијата насловена „Нови форми на вработување на променливиот пазар на трудот“, во организација на Меѓународната организација на трудот, Здружението за трудово и социјално право и Импакт фондацијата.
Конференцијата, како што соопштија од МТСП, е во насока на поддршка на националните трипартитни дискусии и носење одлуки за усогласувањето на законодавството и практиките за работните односи со меѓународните стандарди на трудот и применливото право на ЕУ (закони, институции, најдобри практики).
Усогласеноста на националната правна и институционална рамка со Меѓународните стандарди на трудот (МСТ) и применливото право на ЕУ е обврска на Република Македонија како членка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и претставува клучен елемент на идните преговори за пристапување кон ЕУ.
– Оваа средба ќе ги поддржи националните трипартитни дискусии и носење одлуки за целите на усогласувањето на законодавството и практиките за работните и индустриските односи со меѓународните стандарди на трудот и применливото право на ЕУ (закони, институции, најдобри практики). Средбата ќе се фокусира на различните форми на договорите за вработување, нивното уредување и зачестеност на европско ниво. Таа ќе понуди можност за разгледување на потребата за достоинствена работа во економијата на платформи и ќе ја продолжи дискусијата за различните форми на договори за вработување и идеите за нивното уредување во македонското законодавство, најавија од МТСП.