Според нотираните подобрувања во извештајот на Европската Комисија, земјава е сè поблиску до модерно, стабилно, одржливо, силно, конкуретно, еколошко, обновливо, здраво, квалитетно и инклузивно земјоделско производство, поблиску до сè што претставува европско земјоделство со кое се усогласуваме во рамки на Заедничката земјоделска политика, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Николовски кој беше еден од панелистите во рамки на дебатата „Зелена агенда – обновливи ресурси, македонска храна, европски пазари“, истакна дека земјоделството е едно од најкомплексните и најчувствителните прашања при процесот на проширување на ЕУ.
-Ние сме земја која ги реши сите отворени прашања, пример за политичка стабилност и регионална соработка во сите иницијативи што помагаат во интегрирачкиот процес во ЕУ, пример за пријателство, соработка и взаемна помош и поддршка, пример за обезбеден брз проток на производи, договори за соработка и обезбеденост со храна, заедничка промоција и отворање нови пазари. Секторот земјоделство е позитивно оценет, со нотиран напредок во повеќе области. Тоа е показател дека сме направиле чекор напред, дека работите се движат во добра насока за што поскоро да станеме дел од Европската Унија, подвлече Николовски на панелот за Кластерот 5 „Ресурси, земјоделство и кохезија“.
Според него, најважните сегменти на нашата земја како потенцијален кандидат во подготовка за идното пристапување во ЕУ се Заедничката земјоделска политика и руралниот развој.
-Светската криза со храна не направи посилни, похрабри, пообединети. Ни покажа колку е важно заедно да работиме за иста цел. Кога велам заедно, не мислам само на поддршката од надвор, туку и на поддршката дома, која е исто така исклучително голема и охрабрувачка. Земјоделците се наши партнери. Заедно со нив ја носиме најголемата земјоделска реформа. Сè што правиме е претходно разговарано со нив. Заедно донесовме храбри одлуки. Токму ние, оваа генерација, ќе ја спроведе најголемата земјоделска реформа преку подготовка на нов модел за субвенционирање, рече министерот.
Во дебатата, тој се осврна и на дигитализацијата, на ИПАРД програмите, на зголемениот интерес кај младите земјоделци, како и на програмата за старт ап поддршка на малите винарии, прв пат креирана оваа година.
-Согласно извештајот од Европската комисија, Македонија е на добро ниво на подготвеност за влез во Европската Унија во областа на земјоделството и руралниот развој, како и во областа на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосантарната политика. Повторно најголемиот успех е нотиран во реализацијата на ИПАРД 2 програмата. Позитивно се оценети и сите елементи на Интегрираниот административен и контролен систем, нотиран е и напредок кај директните плаќања по површина, а позитивно е нотиран и извештајот во делот на органско земјоделско производство. Да не ја заборавиме дигитализацијата односно примената на паметно земјоделство. Ова е уште една алатка за модерно и конкуретно земјоделско производство, особено добро прифатена од младите земјоделци. Впрочем како што се младите иднината за земјата, така и дигитализацијата е иднината на земјоделското производство. Заедно, младите и дигитализацијата се клучните компоненти, оние кои ќе не движат напред и ќе не мотивираат и нас, уште повеќе да вложуваме во секторот, да бидеме се поблиску до европско земјоделско производство, заклучи Николовски.
На панелот се обратија и директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски, претседателот на „Рурална мрежа“ Петар Ѓоргиевски, како и Орхидеја Каљошевска од инвестициската рамка за Западен Балкан.