Во соработка со Светска банка изработена е Нацрт-верзија на Стратегијата за развој на човечкиот капитал која е одобрена од страна на Владата. Целта е да се обезбедат подобри услови за живот на граѓаните, да се поттикне побрз, поинклузивен и поодржлив економски раст и да се намали сиромаштијата преку инвестиции во трите клучни сектори-образование, здравство и социјална заштита.

Начинот на кој ќе се креира посилен и поотпорен човечки капитал преку заеднички проекти во овие три сектори беше тема на состанокот што во Министерството за финансии се одржа меѓу министерот за финансии Фатмир Бесими, министрите за образование, здравство и труд и социјална политика и регионалниот директор за човечки развој на Европа и Централна Азија, Фадиа Садах и претставникот наа Светска банка, Масимилијано Паолучи.

– Човечкиот капитал е најзначаен фактор и игра суштинска улога во промовирањето на растот и развојот на една земја. Затоа еден од приоритетите во нашите политики е зголемување на инвестирањето во човечкиот капитал, односно во трите сектори – образование, здравство и социјална заштита. Така, средствата што од буџетот се одвојуваат за овие сектори од година во година растат и тие од 180,1 милијарда денари во 2019 година, во 2022 година достигнаа 220,8 милијарди денари, а во наредната година тој износ се зголемува на 235 милијарда денари, истакнал Бесими.

Според него, ова се инвестиции што на краток рок не покажуваат ефекти, но се инвестиции за идните генерации и за идниот раст и развој на државата.

Бесими, како што информираат од ресорното Министерство, нагласил дека и покрај борбата со справување со последиците од енергетската и ценовната криза, Владата останува посветена на спроведување на реформите во овие области.

Од страна на Светска банка било посочено дека има бројни предности во инвестирањето во човечкиот капитал.

– Тој директно придонесува за благосостојбата на луѓето во Северна Македонија и е основа за еднакви можности. Исто така ни помага да создадеме порамноправна распределба на придобивките од развојот и конечно, овозможува поврзување помеѓу различните видови инвестиции, искористувајќи ги предностите на комплементарноста помеѓу човечкиот и физичкиот капитал, нагласила регионалната директорка на СБ за човечки капитал.

Таа додала дека овие предности, колку и да се големи, не се материјализираат автоматски и дека посветеноста е особено важна.

На состанокот било истакнато дека квалитетот на човечкиот капитал во земјава во периодот од 2010 до 2020 година е подобрен и дека индексот на човечкиот капитал од 0,54 се искачува на 0,56, но тоа не значи дека треба да се отстапи од реформите и понатаму.

– Во спроведување на таа реформа клучна поддршка земјата добива од Светска банка преку спроведување на повеќе проекти, а беше искажана и поддршка за понатамошна соработка во спроведување на програмските цели во овие три сектори во насока на поддршка на развојот на човечкиот капитал, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/11/2022 04:12