Саем за безбедност, насловен „Живеј безбедно”, денеска од 12 часот во „Сити мол“ организира Комората за приватна безбедност, во соработка со Министерството за внатрешни работи, СВР Скопје – Оддел за превенција.
Настанот е дел од активностите на годишната кампања „Денови на приватно обезбедување 2022“ која Комората ја организира по петнаесетти пат. На саемот ќе се претстават компании чија дејност е приватно обезбедување во вид на давање услуги и полициски службеници кои ќе претстават дел од своите секојдневни активности.
-Целта на саемот е да ја продлабочи соработката помеѓу вршителите на јавната и приватната безбедност, поблиску да се претстави до граѓаните и да придонесе за прогрес на безбедноста во секојдневното живеење, соопшти Комората за приватна безбедност.
Најавени се обраќања на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претседателката на Комората, Верица Милеска-Стефановска, и проф. д-р Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје.