По повод Меѓународниот ден на лицата со цистична фиброза, НЛБ Банка – Скопје денеска ќе биде претставена како „патрон на пациентите со цистична фиброза“ и, заедно со Асоцијацијата за цистична фиброза (АЦФ), ќе информира за активностите со кои ќе ги поддржи лицата со оваа наследна хронична болест.
На настанот ќе се обратат Бранко Грегановиќ – претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Ивана Атанасоска – претседателка на АЦФ и проф. д-р. Стојка Нацева-Фуштиќ – директорка на Клиниката за детски болести.
Цистичната фиброза (ЦФ) е генетска болест од која во Европа се афектирани околу 2500 новородени деца годишно. Најчеста карактеристика на ЦФ е прогресивно оштетување на респираторниот систем. Густата слуз ги затнува дишните патишта, предизвикувајќи тешкотии при дишењето и ја зголемува веројатноста за појава на бактериски инфекции во белите дробови.
Со текот на времето може да предизвика хронично кашлање, отежнато дишење и воспаление и да се развие во трајно оштетување на белите дробови, формирање ткиво со лузни (фиброза) и цисти во белите дробови.