Приватните превозници „Слобода превоз” и „Макекспрес” денеска се собраа пред Градот Скопје и бараат средба со градоначалничката на Градот, Данела Арсовска. Целта е како што велат, да постигнат договор за исплата на заостанатата плата.
Претставникот на „Слобода превоз”, Кемал Муриќ изјави дека на овој начин сакаат да го искажат незадоволството од состојбата во која се наоѓаат сега, предизвикана од огромниот долг кој што Јавното сообраќајно претпријатие не им го плаќа.
-Дојдовме овде да побараме културно и цивилизирано средба со градоначалничката Арсовска. Сметаме дека е погрешно информирана, сакаме да ги чуе нашите аргументи во прво лице. Доведени сме на раб на глад. Ако кажам на глад, тоа е мал збор. Доведени сме во состојба да ни чукаат извршители на врата бидејќи сме задолжени со кредити и слични работи. Ништо друго не бараме, ние сме чесни луѓе, домаќини кои повеќето од нас преку 30 години ја вршат оваа дејност, јавен градски превоз Скопје и убеден сум дека без нашето присуство и нашата помош во извршувањето на превозот ќе дојде до колапс на јавниот градски превоз, рече денеска Муриќ.
Тој напомена дека приватните превозници ќе останат пред Градот се додека трае работното време.
„Јас сум уверен дека следува колапс на јавниот превоз. Имаме неофицијални информации дека се работи за некоја игра, прво сакаат нас да нè елеминираат од јавниот превоз за некој друг да го преземе односно некоја мултинационална компанија или фирма од соседството. Што ќе се случи тогаш, не смеам ни да помислам. Се спремаат за дебели провизии нас да нè исфрлат, рачето во медот, тоа сега е актуелно да се каже. Памтете ми го зборат, тогаш ќе му дадат и три евра за километар, само некој да си ја заврши работата, да се нафатира убаво и да има мирна пензија“, рече Кемал Муриќ.
Појасни дека во моментов во Скопје ниту една приватна линија не вози но, како што рече, доколку веднаш се договорат за исплата на долгот, уште денеска ќе продолжат со работа.
-Веднаш ако се договориме, веднаш ако ни пуштат некои пари не ги бараме сите пари, ќе покажеме разбирање кон состојбата во која се наоѓа Градот Скопје, дел некој нека ни дадат веднаш да наполниме горово и веднаш автобусите ќе ги упатиме на линија, додаде Муриќ.
Во меѓувреме, од Градот Скопје за во текот на денот најавија прес конференција во врска со барањата на приватните превозници.