Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ги презентираше можностите за инвестиции во енергетиката, пред се во обновливи извори на енергија кои произлегуваат од Законот за енергетика, како и Законот за стратешки инвестиции пред германска бизнис делегација која го придружува германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер кој е во официјална посета на земјава.

Како што информираат од Министерството за економија, Бектеши на средбата истакнал дека и покрај енергетската криза која што ја зафати не само земјава, туку и цела Европа, развојот и инвестициите во енергетскиот сектор е еден од главните приоритети на Владата со главна цел обезбедување одржливо снабдување со енергија како и придвижување кон зелена економија.

-Главните цели на енергетската политика на Македонија се привлекување инвестиции за изградба на енергетски капацитети и зголемување на искористеноста на обновливите извори на енергија, поточно инвестирање во зелена енергија што ќе придонесе за заштита на животната средина, животот и ублажување на климатските промени, кажа министерот Бектеши и додаде дека земјава веќе има усвоено Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, како еден од најважните стратешки документи во областа на енергетиката и одржливиот развој.

Нагласи дека блиските релации со Сојузна Република Германија најдобро се гледаат преку билатералната соработка која што е во континуиран раст и додаде дека Германија е наш прв и најголем економски партнер каде се реализира речиси 45 отсто од нашиот вкупен извоз.

Во земјава има околу 200 германски компании меѓу кои и WPD која вложува околу 500 милиони евра во ветерна електро-централа во Куманово – Крива Паланка, и која претставува сериозен чекор во производството на електрична енергија од обновливи извори.

Стопанската делегација во чиј состав се претставници на повеќе германски компании, државни институции и банки е предводена од Штефан Венцел, парламентарен државен секретар од Сојузното министерство за економија и клима и Д-р Јоханес Шојбе, советник и раководител на сектор економија во кабинетот на германскиот претседател.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2022 13:46