„Управно судската пракса и пазарот на капитал“ беше темата на која Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија и Академијата на судии и јавни обвинители организираа обука за судии од Вишиот управен суд, судии од Управниот суд, стручни соработници од овие судови, адвокати и претставници на берзата и депозитарот, како и од Државната комисија за одлучување на управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Предавачи на обуката беа д-р Субхи Јакупи – судија во Виш управен суд и д-р Едита Насковска – судија во Управен суд, кои покрај освртот за примената на секторските закони и Законот за управни спорови од аспект на пазарот на капитал, анализираа и студии на случаи кои произлегуваат од тековното работење, но и од европските пазари на капитал.

-Заради континуирано подобрување на состојбите поврзани со наведената област, на обуката се разговараше и интерактивно со излагачите се дискуситираше за актуелни правни прашања поврзани со пазарот на капитал при што беше заклучено дека поради сигурност на инвеститорите и на другите учесници на пазарот кои не ретко се и странски неопходно е на ова поле да се преземаат европските искуства каде што судските постапки за споровите поврзани со пазарот на капитал се од итен карактер и брзо завршуваат. Како препорака за кај нас произлезе дека тоа треба да биде најдоцна шест месеци од поднесување тужба пред Управен суд и најдоцна шест месеци од поднесување жалба пред Виш управен суд, информираат од КХВ.

На обуката се отвори и прашањето за конечност на решенијата на Комисијата за хартии од вредност во управна постапка при што доминираше констатацијата дека треба да се оди кон недозволеност на жалба како правен лек, што веќе се применува на европските пазари, но и кај одредени финансиски регулатори во земјава.

Воедно, како што велат од КХВ, беше потенцирана и потребата од воедначување на управно судската пракса што подразбира правните мислења да се објавуваат, со цел јавноста да биде запознаена со примената на законите, а воедно истото придонесува судовите, а потоа и другите институции спроведувачи на законите правилно да ги применуваат законите. Присутните се согласија и дека неопходно е стимулирање на поголема специјализација на судството, систематска обука на судиите во областа на финансиските пазари, комерцијалното и корпоративното право.

-Традиционално, добрата меѓусебна соработка на двете институции, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија и Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“ во рамки на која оваа обука беше иницирана и спроведена ќе продолжи и во иднина со спроведување на вакви и слични настани на кои ќе се третираат прашања од областа на пазарот на капитал, се додава во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2022 18:52