На Машински факултет денеска официјално беше отворена „ФабЛаб Скопје“, платформа што ќе ги доближи технологиите на производство и до учениците од средните училишта, а не само до студентите од техничките факултети.

Се очекува таа да има голем ефект врз младата популација, како место каде што ќе може да се изрази креативноста, иновативноста и да се почне да се размислува претприемачки.

Проректор Билјана Ангелова изрази задоволство од отворањето на оваа лабораторија, во соработка на Машински факултет и ЦИРКО, со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој.

– Живееме во нова дигитална ера што го промени начинот на живот, рече таа, зборувајќи за лабораторијата како современ истражувачки центар.

Таа рече дека оваа лабораторија ќе стане рамноправен член на големото семејство вакви лаборатории во светот.

Пред присутните се обрати и директорот Фестим Халили на Фондот за иновации и технолошки развој.

-Јас верувам дека младите во нашата земја имаат потенцијал да создаваат иновативни решенија што ќе креираат позитивни промени за ова општество. Токму младите и идни претприемачи се особен фокус на поддршка која ФИТР ја дава преку иницијативите и програмите наменети за поддршка на претприемништвото и иновативноста. Со овие активности, сакаме да им пренесеме на младите дека и нашата земја нуди услови за градење на нивната иднина во Република Северна Македонија и нуди шанса за младите да ги реализираат своите иновативни идеи токму од тука, нагласи меѓу другото директорот.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2022 23:27