Даночната реформа не значи зголемување даноци и даночни стапки. Даночната реформа се однесува на проширување на даночната основна по два основа – намалување на сивата економија и ревидирање на даночните ослободувања. Целта на оваа даночна реформа и претставениот Концепт е воспоставување современ даночен систем кој ќе биде поправеден, потранспарентен, поедноставен и поквалитетен. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување во Дневникот на ТВ Сител.

„Пристапот во оваа реформа е да нема нови даноци и зголемување на даночните стапки, туку проширување на даночната база. РС Македонија има широка листа на производи, во која се вклучени над 3000 тарифни броеви. Сега таа листа ќе се ревидира и се прави согласно новата тарифна ознака што се користи во ЕУ. На таа листа со повластена стапка остануваат сите основни производи и домашни производи што се користат кај нас, но ќе се ревидираат луксузните производи кои се на таа листа како морски производи ајкула, делфин и кит ќе се плаќа повисок данок-објасни министерот за „Сител“

Тој потенцира дека реформата се заснова на инклузивност и дека овој Концепт што ќе има етапна примена и стартува од 1 јануари 2023 година ги содржи препораките од дебатите што ги организираше Министерството за финансии со експертската јавност, невладиниот сектор, политичките партии, бизнис заедницата и други заинтересирани страни, а поддршка за целиот процес има и од меѓународните институции.

„Во дебатата добивме повеќе аргументи во однос на воведувањето на прогресивното оданочување, кое законски требаше да стапи на сила на 1 јануари 2023 година. Дебатата отвори повеќе прашања и за да се постигне правичност и рамноправност, ќе се избере друг модел на кој ќе се работи во наредниот период“, посочи министерот.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2022 15:37