Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска се сретнал со група од десетина бизнисмени и инвеститори од бизнис асоцијацијата Румелисијад од Бурса, Република Турција.

– На гостите им ги претставивме поволните инвестициски услови, можности и придобивки кои ги нуди земјава, истовремено одговарајќи на сите прашања и дилемите кои инвеститорите ги имаа за конкретни сектори и потенцијали на инвестиција, напиша на фејсбук Битиќи.

На средбата, што се одржала во организација на Македонско – турската стопанска комора (МАТТО), претставници од кабинетот на Битиќи, заедно со претставници од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, пред турските инвеститори одржале и економска презентација во која ги претставиле инвестициските можности во земјава, но и дале одговор на прашањата и дилемите кои инвеститорите ги имаа за конкретни сектори и потенцијали.

Во обраќањето пред турската инвеститорска делегација, вицепремиерот Битиќи, соопштија од неговиот кабинет, истакнал дека Република Северна Македонија нуди исклучително атрактивен пакет за поддршка на инвестициите и дека за определени дејности како што се преработувачкиот сектор, ИКТ и производството на храна – компаниите можат да добијат поддршка и до 50 проценти од вкупните инвестиции во основни средства.

Битиќи ги потенцирал традиционално добрите економски и политички односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Турција, напоменувајќи дека во земјава постојат и успешно работат десетици турски компании и дека токму тие се вистинскиот гарант кој треба да им влева сигурност во носењето на одлуката да ја изберат Северна Македонија за нивниот следен инвестициски циклус.

За време на посетата на земјава, турските инвеститори ќе имаат и организирана посета во Технолошко-инвестициската развојна зона каде што ќе се запознаат со условите и поволностите кои им стојат на располагање доколку својата инвестиција ја реализираат во некоја од ТИРЗ зоните.

Вицепремиерот Битиќи на неговиот фејсбук профил објави дека во земјава успешно работат десетици турски компании, а по денешната средба, напиша, се надеваме дека тој број ќе се зголеми, продолжувајќи ги традиционално добрите економски и политички односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Турција



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2022 16:36