Со цел продлабочување на соработката меѓу бизнис заедницата и универзитетските институции Сојузот на стопански комори на Македонија потпиша Меморандум за соработка со Универзитетот за телекомуникации и пошти од Софија, Република Бугарија. На свечен настан кој беше организиран на Универзитетот во Софија, меморандумот го потпишаа потпретседателот на Сојузот проф. д-р Орце Симов и ректорката на Универзитетот проф. д-р Магдалена Темелкова.

„Соработката меѓу бизнис секторот, академската заедница и образовните институции е неопходен процес кој мора да се негува, поддржува и развива за да може да имаме поширок економски и општествен напредок и потпишувањето на овој Меморандум за соработка со еден од најстарите универзитети во Бугарија, ни претставува огромна чест и задоволство. Компаниите од нашата држава, регионот и пошироко се соочуваат со сериозен недостиг на работна сила, a трендот на раст на јазот меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд изразен е толку многу што во одредени сектори, како ИКТ, индустрија, туризам и угостителство, значајно влијае на растот и развојот на компаниите. Верувам дека ова наше партнерство ќе роди многу нови идеи за заедничко делување и соработка кои ќе предизвикаат позитивни промени во двете држави но и во регионот пошироко“, истакна проф. д-р Симов на настанот.

Тој се осврна и на проблемот со високите стапки на младинска невработеност кој предизвикува и миграциски движења кај млада емиграција или одлив на мозоци. Младинската емиграција негативно влијае и на инвестициите и економскиот развој на земјата, додека младинската невработеност, освен тоа што негативно влијае врз перцепциите на младите, значи и повисоки социјални трошоци и загуба на инвестициите кои биле инвестирани во образованието и обуката на овие млади лица.

„Во изминатите години се донесени повеќе мерки и механизми од страна на државата чие дејство и влијание е насочено кон надминување на овие општествено-економското предизвици, но сепак постигнатите резултати не се задоволителни. За да се најде решение мора да се обединат сите чинители и заеднички и проактивно да се пристапи во креирање на решенија. Реалноста ја наметнува потребата од секојдневно усвојување на нови вештини кои ги наметнуваат новите технологии, развивање на концепт на доживотно учење бидејќи динамиката на промени мора да се следи за да се остане во игра, тука се и иновациите и претприемништво како моќни двигатели на економскиот раст кои придонесуваат кон создавање нови компании и работи места, создавање на додадена вредност во општеството“, потенцираше проф. д-р Симов истакнувајќи ја можноста за заеднички проекти за областа на дигитализација.

Сојузот на стопански комори како деловна мрежа ги препознава овие потребни и преку своите активности ги понуди сите облици на деловна поддршка на претпријатија на нивниот пат кон европските пазари. Тоа се однесува на услуги за сеопфатно информирање со широк спектар на прашања, можностите на единствениот европски пазар од една стана, но и надминување на препреките со кои се среќаваат претприемачи, понатаму организација на едукативни и информативни настани, изнаоѓање бизнис партнери во ЕУ, регионот и пошироко, стручни совети за достапните извори на финансирање и друго. Во насока на поддршка на бизнисите се вклучуваме и во голем број на проекти, меѓу кои би го издвоил проектот „Гриновет – Европска платформа за извонредност за зелени иновации и стручно образовaние и обука, кој го работиме со образовни институции, стопански комори од четири држави во Европа чија цел е да им помогне на младите да развиваат зелени бизниси и да ги развиваат своите идеи во една средина каде што малку повеќе ќе се грижат за животната средина преку креирање на иновативни концепти кои ќе го намалат и оптимизираат искористувањето на природните ресурси.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2022 12:06