Вкупно 25 компании во моментов имаат стекнато статус на Овластен економски оператор, кој претставува потврда дека компанијата е сигурен и безбеден партнер на Царината, кој има воспоставено контрола над процесите на своето работење. Одобрение за Овластен економски оператор денеска беше доделено и на најголемиот македонски производител и извозник на сувомеснати производи, Пекабеско АД Скопје.

„Придобивките за компаниите со статус ОЕО значат примена на царински поедноставувања, побрзи и поевтини прекугранични постапки и приоритет при царинење. Наша цел е проширување на овие придобивки во земјите во регионот и ЕУ, заради што интензивно се работи на имплементација на протоколите за меѓусебно признавање на компаниите со статус на ОЕО со Србија и со Албанија, преку електронска размена на овие податоци и вградување во националните царински системи. “, истакна директорката Славица Кутиров на денешниот настан на којшто беше доделено одобрението.

Директорот на Пекабеско, Слободан Кутревски, вели дека стекнувањето статус на ОЕО, како и воведените олеснувања во царински постапки, влијае позитивно на реномето и трговско-економските релации на компанијата, а со тоа се подобрува нивната конкурентност како во државата, така и во поширокиот регион.

Годинава на граничниот премин Табановце – Прешево и Ќафасан – Ќафтане се отворени и посебни приоритетни ленти за стоки и ОЕО компании од земјите од Отворен Балкан. Од особено значење е и неодамна воведеното автоматско царинење за еден час со т.н. зелени царински декларации, од чија примена особено имаат корист компаниите кои поседуваат одобрение за Овластен економски оператор, како доверливи економски оператори, препознаени во процесот на анализа на ризик.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2022 15:58