Мало парче камен кое американските астронаути го донесоа од Месечината, конечно повторно стигна на своето одредиште, на Кипар, каде еднаш веќе беше, но исчезна пред половина век. Парче од месечева карпа од 1,1 грам било изложено вчера по повод 50-годишнината од последното слетување на американскиот Аполо на Месечината и сегашната мисија на Артемис чија капсула Орион се враќа на Земјата откако ја облета Месечината.
– Имаме месечева карпа за која сметаме дека сепак стигнала во совршен момент, бидејќи поминале 50 години откако е донесена на Земјата, рече Џорџ Данос, претседател на Кипарската организација за истражување на вселената, која е домаќин на изложбата.
Лунарниот примерок е спакуван во пластичен глобус со знамето на Кипар и плочка на која пишува „Овој фрагмент е дел од карпа од долината Таурус Литроу на Месечината. Даден е како симбол на единството на човечките напори и носи со себе надеж за американскиот народ за мир во светот“.
Тоа ги одразува зборовите на астронаутот на Аполо 17, Јуџин Сернан, кој рекол дека каменот ќе биде „симбол на тоа што се нашите чувства, чувства за програмата Аполо, и симбол на човештвото: да можеме во иднина да живееме во мир и хармонија“. Аполо 17 било последното летало од програмата за Месечината, а тројцата астронаути се вратиле на Земјата на 19 декември 1972 година.
Каменот на Кипар е еден од 270-те такви примероци донесени од мисијата на Месечината во 1969 и 1972 година, кои администрацијата на американскиот претседатеч Ричард Никсон им ги подари на други земји. Каменот на Кипар исчезна во текот на тамошната војна во 1974 година, кога е убиен американскиот амбасадот на Кипар, Роџер Дејвис. На крајот е вратен на НАСА, во САД и е заклучен во трезор. Конечно каменот се врати на Кипар благодарение на напорите на Данос и официјално ќе му биде предаден на кипарскиот народ на свеченост на 16 декември во претседателската палата во Никозија.