Лекари од Лестер во Велика Британија соопштија дека тинејџерка која боледува од Т-леукемија е во ремисија по нова терапија со генетска модификација на донирани Т-клетки.

Научниците за прв пат ја сменија „основата“ на една буква од генетскиот код на донираните Т-клетки и на тој начин кај пациентката овозможија тие да ги напаѓаат само болните клетки, како и да не ги напаѓа здравите клетки по хемотерапијата.

– Ова беше најсофистицираниот инженеринг на клетки до сега и го отвора патот за други третмани и на крајот подобра иднина за болните деца, изјави имунологот професор Васим Касим, еден од водачите на проектот.

Пред овој третман, тинејџерката била подложена на хемотерапија и трансплантација на коскена срцевина во обид да се ублажи болеста, но никогаш не постигнала целосна ремисија, но по генетското модифицирање на донираните Т-клетки, таа повеќе од шест месеци е без леукемија.

Т-клеточната леукемија е рак кој влијае на класата на бели крвни зрнца познати како Т-клетки, така што тие почнуваат да растат пребрзо и на тој начин го попречуваат производството на крвни зрнца во телото, а стандардните третмани вклучуваат трансплантација на коскена срцевина и хемотерапија.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2022 10:23