Компанијата што ја создаде светски познатата видеоигра „Фортнајт“ (Fortnite), „Епик гејмс“ (Epic Games) се согласи да ја плати спогодбата од 520 милиони долари по обвинувањата дека ги довела во заблуда играчите, вклучително и деца, наведувајќи ги на ненамерни купувања, притоа прекршувајќи ги законите за приватност на децата.
Спогодбата е поделена на два дела, 275 милиони долари ќе ѝ бидат исплатени на американската влада за подмирување на трошоците за тужбите. Оваа сума е најголемата во историјата исплатена поради кршење на правилата на Федералната трговска комисија (ФТЦ) на САД. А, други 245 милиони долари ќе ги покријат трошоците на корисниците.
– Како што беше забележано во нашите поплаки, „Епик гејмс“ користеле стандардни поставки за загрозување на приватноста и измамнички содржини кои ги измамија корисниците на „Фортнајт“, вклучително и тинејџери и деца. Заштитата на јавноста, а особено децата, од навлегувања во приватноста на интернет и од темни обрасци е главен приоритет, изјави директорот на ФТЦ, Лина Кан.
„Фортнајт“ е игра за бесплатно преземање на компјутер и конзоли, но таа е преполна со дополнителна платена содржина. Во тужбата, исто така, се наведува дека компанијата користела тн. „темни обрасци“ за да ги измами играчите да направат несакани купувања и оти неовластено дошла до одредени податоци за децата без никакво знаење на родителите.