Во свој божиќен говор, еден од најнапредните роботи со вештачка интелигенција во светот зборуваше за темите што ја обележаа оваа година.

Станува збор за роботот Амека, способен за ултра-реалистични реакции… „Таа“, на пр., може да се насмевне или намурти, да трепка, па дури и да намигнува. „Таа“ говореше за теми како што се војната во Украина, смртта на кралицата Елизабета Втора, како и климатските промени во божиќната порака објавена на „Канал 4“ во Велика Британија. Во телевизиското обраќање по годишниот божиќен говор на кралот Чарлс Трети, роботот, инаку развиен од британската фирма „Енџинирд артс“ (Engineered Arts) со седиште во Корнвол, зборуваше за подемите и падовите на 2022 година.

„Ги гледам настаните од оваа година со восхит, но и загриженост. Навистина, многу настани во 2022 година беа од негативна природа. Видовме дека луѓето на власт подлегнаа на антисемитизмот, корупцијата и омразата. Видовме како народот на Украина е подложен на инвазија и раселување од (нападот на) Русија“, рече роботот меѓу другото.

Говорејќи за смртта на британската кралица Елизабета Втора, Амека истакна дека политиката е похаотична во нејзино отсуство.

„Да не зборуваме за влијанието на пандемијата врз менталното здравје, растечката нееднаквост меѓу богатите и сиромашните и сè поекстремните временско-климатски промени“, додаде Амека.

Овој „алтернативен“ божиќен говор не го напишал човек, туку користен е софтвер за вештачка интелигенција којшто генерира одговори од милиони различни можности и гледишта, колку што е можно повеќе слични на човечките. Според многумина, изгледа Амека успеа во тоа.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/12/2022 13:52