Познато е дека, меѓу другото, и катот влијае на цената на станот. Се чини, сепак, висината на којашто се наоѓа домот, влијае и на човековото здравје, според ново, обемно истражување на Универзитетот на Берн, во Швајцарија.
Имено, научниците истражувале 142.590 смртни случаи во земјата (опфаќајќи луѓе кои живееле во високи згради) меѓу 2000. и 2008 година. Со тоа, откриено е дека луѓето кои живеат на приземје имаат дури 40 отсто поголеми шанси да заболат од белодробни заболувања, отколку оние кои живеат на осмиот кат или погоре. Истражувачите веруваат дека клучни фактори се поголемото загадување на воздухот и бучавата на долните катови.
Исто така, луѓето кои живеат на катови пониски од осмиот, имаат 35 отсто поголем ризик од срцеви заболувања. Во просек, луѓето кои живеат на приземје или на катови под осмиот, имаат и 22 отсто поголема можност да починат порано од луѓето кои живеат на повисоки катови.
Меѓутоа, и живеењето на повисок кат има свои опасности. Друго истражување од Шпанија посочува дека луѓето кои живеат „поблиску до облаците“, на пр., имаат поголема веројатност да добијат алергија на полен, отколку оние кои живеат на село. Имено, во градот налето поленот се издигнува во воздухот со зголемувањето на дневната температура, а кога навечер ќе почне да се лади, поленот повторно се спушта и преку отворените прозорци, прво влегува во повисоките катови… Тоа ги прави луѓето таму поподложни и поранливи.
Секако, според науката, сѐ ова треба да се земе со резерва. Како и сѐ друго во животот, и живеењето „на високо“ има и позитивни, и негативни страни.