Емисијата за запознавања „Копче“ (The Button), којашто се прикажува на британската ТВ Би-би-си, доби доста непријатна димензија откако обожавател на „Марвел“ стриповите и филмовите грубо одби девојка која нема ист вкус.

Во емисијата, двајца седат пред едно копче меѓу нив. Кога тоа ќе светне црвено, секој од учесниците може да го притисне и да се префрли на состанок, т.е. разговор со друго лице. Доколку пак, „љубовниот состанок“ трае повеќе од 10 минути, сите трошоци следната средба меѓу нив ќе им бидат платени од емисијата… Но, „состанокот“ меѓу Дони и Марија заврши по само 30 секунди.

Имено, откако компјутеризираниот глас го претстави Дони, тој ѝ го постави и првото прашање на Марија: „Дали ти се допаѓа ’Марвел’?“ …И, тука почна фијаското.

– Знаеш што… Не!, рече Марија – Брат ми гледа филмови на „Марвел“, но јас едноставно не можам да се впуштам во тоа „аниме“.

– Не може да не ги сакаш филмовите на „Марвел“. Тие се неверојатни! И тоа не се „аниме“, тоа се херои кои се обидуваат да го спасат светот!, појасни Дони.

Настана непријатна тишина, па Марија тргна да го притисне црвеното копче за крај на состанокот. Сепак, Дони ја престигна, па продолжи да говори за неговата љубов кон „Универзумот на Марвел“.

– Имам куче по име Марвел, тоа е голема работа за мене!, додаде навреденото момче додека таа си заминуваше.

Очекувано, на интернет-просторот следеа шеги за овој настан.

„Ѝ се восхитувам што дури и го слушаше без да му врати и да го навреди“, „Хахаха успеа да ги навреди фановите на ‘Марвел’ и ‘анимето’“ – гласат дел од коментарите.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/01/2023 12:10