Сер Дејвид Џејсон, легендарниот „Дел бој“ во британската ТВ-серија „Сплетки“ (Only Fools and Horses), ќе има посебен семеен Божиќ, којшто ќе го помине и со својата ќерка Аби Харис, чие име го дозна дури во 2022 година, 52 години по нејзиното раѓање.

- Ќе го минеме овој Божиќ заедно и веројатно ќе играме многу игри, изјави Сер Дејвид (84) за „Рејдио тајмс“ (Radio Times).

Сер Дејвид планира уште една семејна средба со Аби - за прославата на својот 85. роденден во февруари.

Инаку, пред неколку години, тестот за татковство потврди дека таа е неговата ќерка од кратката врска со покојната глумица Џенифер Хил во 1970 година, кога тие заедно настапуваа во заедничка претстава. Аби ги споделила своите сомнежи со глумецот во писмо, коешто Дејвид веднаш и го покажал на сопругата. По разговорот решиле да направат тест за татковство што докажал дека тој има уште една ќерка. Тие двајца се сретнале во хотел во Лондон.

Неодамна го прославија и нејзиниот роденден со семејна дружба, каде што неговиот 12-годишен внук Чарли ги запали свеќите на тортата. По тој повод, Дејвид ѝ подарил примерок од својата нова книга на ќерка си, во којашто пишува и за новото откритие.

Во книгата, Дејвид го опишува шокот и емоционалниот виор што ги доживеал кога дознал за Аби. За него, тоа било искуство во облик на „чудо, задоволство, вознемиреност, болка, страв и чиста паника“. Тој со сопругата Гил има уште една ќерка - 23-годишната Софи



Автор: Администратор
Објавено на: 27/11/2024 02:18