Американската вселенска агенција НАСА и производителот на воздухопловни средства „Боинг“ објавија здружување заради развој на идната генерација комерцијални авиони со помалку испуштање јаглерод. НАСА во овој проект ќе инвестира 425 милиони долари во текот на седум години, а „Боинг“ и неговите партнери – околу 725 милиони долари.

– Целта се комерцијални авиони што ќе бидат поефикасни околу горивото и ќе имаат бројни придобивки за животната средина, комерцијалната авијација и патниците ширум светот. Ако бидеме успешни, би можеле да ги видиме овие технологии во патничките авиони веќе следното десетлетие, рече директорот на НАСА, Бил Нелсон.

Тој додаде и дека технологиите што се користат и тестираат преку програмата, ќе поттикнат идни проекти и може да доведат до напредок во аеродинамиката и економичноста на горивото. Според НАСА, инженерите ќе се обидат да развијат авион со 30 отсто помала потрошувачка на гориво и помалку испуштање штетни гасови, во споредба со најекономичните авиони денес.

НАСА и „Боинг“ планираат да тестираат иновативно авионско крило што создава помалку отпор и троши помалку гориво. Вселенската агенција има намера да го заврши тестирањето на програмата до крајот на 2020-тите, за да може технологиите и дизајните да се применат на следната генерација авиони.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2023 09:48